КУЛТУРНО-ИНФОРМАТИВEН ЦЕНТАР НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО СОФИЈА

  • Македонски
  • Български

Фотографска изложба на Милчо Манчевски во Софија

Национална академија за ликовни уметности, ул. „Шипка“ 1, Софија
2 Sep 2021 - 17:00
Фотографска изложба на Милчо Манчевски во Софија (банер)

На 2 септември, од 17 до 20 часот, во Галерија „Академија“ на Националната Академија за Ликовни Уметности (ул. „Шипка“ 1, Софија) ќе се одржи отворањето на изложбата „Таму“, составена од фотографски дела на светски познатиот режисер Милчо Манчевски. Ќе бидат претставени 88 колор дела на тема улична фотографија.

Настанот ќе се одржи во услови на почитување на сите мерки за справување со Covid-19.

„ТАМУ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Милчо Манчевски, УЛИЦА и ПЕТ КАПКИ СОН. Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува ТАМУ. Тргнувајќи од „Жена и зелен ѕид“ и „Црвен ѕид (Бруклин)“, две слики што се читаат речиси како „колор филд“ платна, ТАМУ нè води на патување што е исто толку за чинот на гледање колку и за искусувањето место. Како уметник кој работи и со филм и со фотографија, пристапот на Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и го избегнува конвенционалното. Неговото рано завлегување во концептуалната уметност продолжува да се отсликува во неговите дела во различни медиуми, а наследството на историската авангарда провејува низ многу од сликите поместени во ТАМУ.“ (Конор Мекгрејди, дел од предговорот во книгата „Таму“.)

Милчо Манчевски е автор на филмовите „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), „Бикини Мун“ (2017) и „Врба“ (2019), како и на кусометражните „без наслов“ (1982), „1.73“ (1985), „Четврток“ (2013), „Крајот на времето“ (2017) и други.

Неговите филмови се дистрибуирани глобално и имаат освоено над 60 меѓународни награди, меѓу кои и Златен лав во Венеција (1994), Индипендент спирит (1996), Елен во Аспен (2017), Давид ди Донатело (1995), Алуминиумски коњ во Стокхолм (1994), номинација за Оскар (1995), Сребрен кондор во Аргентина (1997), Златна бубачка во Шведска (1995), ФИПРЕСЦИ (1994), ФЕДEОРА (2011) и Фантаспорто (2018 и 2020).

Автор е на книгите „Духот на мајка ми“ (1997), „Вистина и прикаска: белешки за (исклучителната) верба во уметноста“ (2012), „Слики, зборови и лаги“ (2015), „Улица“ (1999) и „Пет капки сон“ (2011).

Самостојно и како основач на групата 1 АМ поставува арт перформанси во Скопје, Белград, Сплит и Бруклин.

Имал повеќе групни и две самостојни изложби на фотографии, „Улица“ (1999) и „Пет капки сон“ (2011) во Музејот на современата уметност, Скопје. Тие се потоа изложени и во Њујорк, Москва, Шангај, Стокхолм, Турција, Хрватска, Србија, Бугарија, Холандија, Италија, Јапонија, Романија, Полска, Грција, Франција, Доминиканска Република, Словенија итн.

Неговите дела се предаваат на неколку стотини универзитети.

 

Share

Настани

За КИЦ на РСМ

E-mail: rmkic@yahoo.com

тел.: + 359 2 946 1492

ул. „Обориште“ 7, 1504 Софиja

Билтен

За информации и настани од сајтот

СИГУРНОСТ
Потврдувањето докажува дека сте реален корисник.

Календар

S M T W T F S
1
 
2
 
3
 
4
 
5
 
6
 
7
 
8
 
9
 
10
 
11
 
12
 
13
 
14
 
15
 
16
 
17
 
18
 
19
 
20
 
21
 
22
 
23
 
24
 
25
 
26
 
27
 
28
 
29
 
30
 
31