Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија, на 6 октомври во 18:00 часот, во просториите на КИЦ беше отворена самостојна изложба на слики и цртежи од Биљана Кајевиќ. За творештвото на Кајевиќ, ликовниот критичар Дејан Буѓевац вели дека претставува едно посветено негување на сопственото сликарско истражување, еден тивок и камерен опус, творечки созреван далеку од очите на јавноста.
Биљана Кајевиќ дипломира на Факултетот за Ликовни Уметности - Скопје, во класата на професор Рубенс Корубин во 1994 година. По дипломирањето, работи дизајн на поштенски марки и разгледници за одделот за филателија при Пошти на Р.Македонија. Во периодот од 1999 до 2008 година, работи како графички дизајнер, а се занимава и со дигитална фотографија и компјутерска манипулација. Во периодот што следи, станува дел од тимот за внатрешно уредување на музејскиот комплекс - Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим во Скопје и освен декоративните елементи кои се составен дел на ентериерското решение е автор на идејно – ликовното решение за витражот на централната купола.
Самостојни изложби: Дом на култура “Иван Мазов –Климе“ – Кавадарци (2010); Изложба на илустрации - Кинотека на Македонија – Скопје (2010); Уметничка галерија - Безистен – Штип (2010); Националната установа Центар за култура “Марко Цепенков“ – Прилеп (2011); Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово (2011).