Друштвото на ликовните уметници на Македонија официјално е формирано во 1946 г. Неговата антиципација и континуитет датираат од 1929 г., кога во рамките на Вардарска бановина било формирано “Друштвото на југословенските ликовни уметници“. Во 1930 г. кон него ќе се приклучи и новото друштво “Јефимија“ кое од 1933-1941г. ќе ја преземе изложбената дејност на ДЈЛУ. Во овој период ќе излагаат и повеќе уметници кои подоцна ќе станат основоположници намакедонската модерна уметност: Димитар Андонов-Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Василие Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев и др.
Во 1944 г. во Прилеп се формира Друштвото на македонските ликовни уметници во чија управа ќе бидат Мартиновски, Поповиќ-Цицо, Владимирски, Тодоровски и Блажиќ. Тие ќе се залагаат за обединување на сите уметници од Македонија, за пропагирање и ширење на сите уметнички медиуми. Оттогаш ликовните уметници на Македонија до денешни дни го носат името ДЛУМ како траен бренд на нивната професионална асоцијација.
Во 1945 г. во Скопје ќе се отвори и првата изложба на Друштвото. На иницијатива на Друштвото, истата година се отвара и Уметничкото училиште, чиј прв директор станува Никола Мартиноски. Од учениците на ова училиште подоцна ќе се регрутираат идните членови на Друштвото. Во 1946 г. официјално ќе се формира ДЛУМ. Прв и долгогодишен претседател ќе биде Мартиновски. Истата година ќе се отвори II изложба на ДЛУМ на која ќе учествуваат поголем број уметници од Македонија. Реал-социјалистичкиот дух на изложбата ќе биде одраз на барањата на новата стварност. Во 1953 г. во Скопје се отвараат изложби од модерната француска, американска и холандска уметност, како и изложбата на Хенри Мур, кои непосредно ќе влијаат и на творечкиот дух на македонските уметници. Истата година ДЛУМ ќе организира патувачки изложби низ Југославија. Членовите на ДЛУМ редовно ќе учествуваат и на изложбите на СЛУЈ, а од 1955 г. ќе се презентираат и афирмираат и во странство.
За информации и настани од сајтот