Културно-информативниот cентар на Р. Македонија, Клубот на дејците на културата-Русе и Издавачка куќа "Авангард принт"- Русе, на 10 април во 18 часот, во Домот на дејците на културата во Русе организираа промоција на книгата поезија "Толкување на морето" од современата македонска поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска.
Гордана Михаилова Бошнакоска е родена 1940 год. во Битола. Долги години била уредник во Македонската телевизија. Била стипендиант во САД- специјализирала креативна литература. Автор е на повеќе книги поезија, проза и есеистика. Стиховите од поезијата на Бошнакоска се преведени на многу јазици. Добитник е на наградата "Браќа Миладиновци" за најдобра книга поезија (1998) на Струшките вечери на поезијата. Членка е ма Друштвото на писатели на Македонија и на Македонскиот ПЕН Центар.