На 26 Ноември во Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија беше отворена изложбата "Космичкиот еротизам на струната и облината" од ликовната уметница Тања Таневска.
Таневска дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Рубенс Корубин во 1996г, член е на ДЛУМ од 1997, учесник на десетици самостојни и преку 180 групни ликовни изложби во земјата и странство, како и и на преку 35 домашни и меѓународни ликовни колонии. Добитник на неколку значајни домашни награди во организација на ДЛУМ, како и награда од Интернационалното биенале на мал формат во Рацибор, Полска.
За нејзината концепција "Космичкиот еротизам на струната и облината" која беше претставена во Софија, Венко Андоновски пишува дека "гледајќи ги овие колажи, вие ја слушате космичката музика на боите, на формите, но и на материјалот: можете да ја допрете со прсти таа вселенска музика на космичките струни".
Изложбата на Тања Таневск во Софија ја отвори директорот на КИЦ на Р.Македонија во Софија Васко Шутаров а проектот беше целосно поддржан од нашето Министерство за култура.