На 3 октомври 2019 година, во галеријата на Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, Република Бугарија, беше отворена изложбата на Зоран Арсовски-Бабата, ликовен уметник од Куманово. Изложбата со наслов „Тектонски пореметувања“ претставува ангажирано сликарско дело во мал формат (10х10 см.) со вкупно шеесет и четири слики. Таа претходно гостувала во повеќе градови во Србија, а за прв пат е во Софија. Зоран Арсовски своето ликовно образование и магистратура го стекнал во Софија во 2007 година, а е член на ДЛУМ.
Самата изложба е дел од програмата на Министерството за култура на РСМ. Таа имаше добар одѕив во електронските медиуми во РСМ и РБ, а на свеченото отварање присуствуваа голем број колеги уметници на авторот, професори од Ликовната академија во Софија и пријатели на КИЦ од сите генерации.
Изложбата ја отвори д-р Сашко Насев и зборуваше за значењето на ангажираниот автор денеска, а на публиката и се обрати и Зоран Арсовски-Бабата кој изрази благодарност до МК на РСМ за можноста за прв пат самостојно да изложува свои дела во Софија.