Од 1-ви до 8-ми јуни 2021 во Созопол ќе биде поставена изложбата „Предизвици и насоки“ од проектот „Поврзување“ на КИЦ на РСМ во Софија, составена од дела на македонски и бугарски современи ликовни уметници. Изложбата е дел од културната понуда со која КИЦ на РСМ зема учество во Десеттиот Меѓународен Франкофонски Фестивал „Солеј“.
На 5 јуни од 18:00 часот во Градската галерија во Созопол, по отворањето на Фестивалот (3 јуни), изложбата ќе биде претставена во присуство на дел од авторите и присутните гости.
Делата на 12-те автори се изработени во различни техники – сликарство, графика, цртеж, фотографија, а исто така се застапени инсталирани светлечки објекти и видеоарт.
Концепцијата на кураторот и учесник на изложбата Иво Пецов е да ги претстави размислувањата и предизвиците на уметниците во периодот од почетокот на пандемијата од Ковид-19 до сега. До колку овој глобален проблем ги променува начините на размислување кај авторите и нивната насока во творештвото. Во одговор на овие прашања ликовните уметници, секој поодделно, направија селекција на свои дела и се обидоа преку нив да го претстават нашето време и нашата индивидуална посебност. Во изборот се најнови дела, како и дела создадени порано, кои одговараат на духот на денешното време.
„Кон борбите за опстојување на идентитетот на секоја една единка во глобалниот свет е додадена уште една војна со вирусот кој го оспорува физичкото присуство на човечката раса на Земјата и влијае врз нејзиниот психички и духовен живот. Повторно сме исправени пред предизвикот повеќе да градиме, отколку може да биде разрушено и уништено од силите кои не го вреднуваат нашето постоење, пред се духовно. Така стигнуваме до творештвото и од потребата реалноста да се доградува и обогатува.
Творечките личности поврзуваат, надоградуваат, не делат и рушат, нивните дела во денешницата се сè повеќе потребни. Само преку творечкиот приод може да се отфрли секое едно ропство на материјата и духот. Тргнувајќи од таа потреба, од оформување на една изложба, која би ставила фокус врз нашиот современ проблем, ја предложив идејата на уметниците со кои по еден или друг начин сме поврзани и поголем дел од нив се согласија да земат учество.
Како и во наши претходни изложби се вклучија уметниците кои се од Република Северна Македонија, но кои живеат и работат во Република Бугарија, тоа освен мене – Иво Пецов, се Марјан Ѕингаров - Ѕин од Струмица, Маријана Иванова од Виница и Перица Георгиев – Пепси од Скопје. Македонскиот уметник од Битола Димитар Христов ни ги испрати своите дела од Берлин. Атанас Ботев учествуваше во изложбата од проектот „Поврзување“ во 2019 година и заедно со Ана Лазаревска и Хари Дудески од Скопје зема учество и во оваа селекција. Нашата поврзаност е збогатена со последните два автори, кои ќе дадат различни естетски насоки. Тука се делата и на уметникот и поет Роман Кисјов од Софија, кој во минатото има остварено многубројни соработки со македонски автори, најчесто на полето на поезијата. Ликовните уметници и професори во Националната Ликовна Академија Свилен Стефанов, Росен Тошев и Георги Јанков од Софија исто така се вклучија со свои дела.
Освен ликовните дела, уметниците ги запишаа своите мисли во неколку реченици, како дополнување на визуелниот дел“