На 15 ноември 2022 во галеријата на КИЦ на РСМ во Софија се отвори изложбата „Уметноста како трансформирана реалност“ на ликовните уметници графичари: Берат Беќири, Астрит Реџепи и Улбер Даути. Изложбата е составена од 24 графички дела, изработени со комбинирање на техниките акватинта и бакропис, како и дигитално обработувана и печатена графика. Секој од тројцата автори на изложбата е застапен со по 8 свои дела.
На официјалниот дел од отворањето зборуваа: д-р Сашко Насев, од името на КИЦ на РСМ во Софија, д-р Иво Пецов, од стручен и ликовен аспект, а изложбата ја отвори г-н Владимир Крстевски, од името на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија. Авторите ја поздравија присутната публика и се заблагодарија за поддршката на македонското Министерство за култура кое го овозможи реализирањето на проектот.