На 29 Септември Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија беше домаќин на книжевната вечер посветена на Лилјана Дирјан и академик Богомил Ѓузел. За големиот книжевен опус на овие две значајни и големи писателски имиња, зборуваа проф. др. Елизабета Шелева од Филолошкиот факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, проф. др. Александар Шурбанов од Катедрата по англиски јазик на Софискиот Универзитет, проф. др. Светозар Игов од Институтот за литература при Бугарската Академија на науките и Цветанка Еленкова, бугарска поетеса и преведувач на делото на Богомил Ѓузел, на бугарски јазик. На книжевната вечер беа претставени и двете стихозбирки издадени на бугарски јазик, "Со невидливиот сокол на рамото" од Лилјана Дирјан и "Остров на копното" од академик Ѓузел. Стихови читаше актерот Иван Калошев.
Книжевната вечер ја организира КИЦ на Р. Македонија во Софија во соработка со Независните писатели на Македонија и со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија.