На 24 април, на покана на Градоначалникот на Општина Харманли во Република Бугарија, македонските уметници од ликовната група "Конкеција 2", свечено ги отворија Деновите на Општината. Изложбата беше отворена во Културниот Центар од Градоначалникот на Харманли, Михаил Лисков и директорот на нашиот КИЦ во Бугарија, Васко Шутаров. Делата на македонските уметници публиката во овој дел од Бугарија имаше можност да ги види до 17 мај.
Ликовната група "Конкеција 2" ја сочинуваат единаесет уметници од повеќе градови во Р. Македонија, кои имаат студирано, магистрирано или докторирано на НХА во Софија: Марјан Ѕин од Струмица, магистер на одделот за "Плакат", Иво Пецов од Виница, магистер по графика и доктор по специјалноста "Ѕидно сликарство", Адриана Јовановска од Прилеп, магистер на одделот за "Метал", Зоран Мише од Охрид, магистер за графичка уметност, Иван Стоименов од Скопје, магистер по скулптура, Горан Тричковски од Делчево, магистер по графичка уметност, Јорданчо Ристовски од Крива Паланка, магистер по сликарство, Павел Целковски од Охрид, магистер по графичка уметност, Слободан Милошески од Кичево, магистер по скулптура и во моментов докторант по скулптира на НХА во Софија. Од оваа изложба на групата и се придружија и Ице Огненовски-Мерко од Битола кој има завршено сценографија на НХА и Јовица Миленов од Делчево кој има дипломирано сликарство на истата Академија. Во концепцијата "Конкеција 2" беа претставени дела од графичката уметност, сликарството, скулптурата како и обработката на метал.