На 4 јуни, во дворот на Етнографскиот музеј на Созопол беше отворена изложбата „Вкуси го животот“, составена од репрезентативен фото-материјал на Република Северна Македонија и нејзината туристичка и ено-гастрономска понуда.
Изложбата, во овој значаен туристички град на бугарскиот брег на Црно море, беше отворена од страна на амбасадорката на Република Северна Македонија во Бугарија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, во присуство на домаќинот на градот – градоначалникот Тихомир Јанакиев.
На 5 јуни, како дел од програмата на Фестивалот, во Археолошкиот музеј на Созопол се одржа концертот „Класиката е жива“. Дуото „Каевска-Базгалоска“, Јана Каевска на флејта и Ивона Базгалоска на пијано, маестрално ја изведоа својата програма, составена од композиции на Г. Коларовски, Ф. Мартен, С. Прокофијев, П.И. Чајковски, А. Карастојанов и Т. Прокопиев.
Младите виртуози на своите инструменти успеаја да ја воодушеват преполнетата сала од разнородна публика која побара и доби бис. Со квалитетот на концертот нашата држава сосема достојно и на завидно ниво се претстави на Меѓународниот франкофонски фестивал, а директорката, г-ѓа Александрина Исајлова, го изрази своето воодушевување споделувајќи дека би се радувала на нивното повторно присуство на Фестивалот.
Меѓувремено од 31 мај до 7 јуни траеше Меѓународната сликарска колонија, која што е во склоп на Меѓународниот фестивал „Солеј“, и во неа зедоа учество уметниците Петра Јовановска, Росица Лазеска, Марјан Ѕингаров и Иво Пецов. Секој од вкупно 19 ликовни уметници од Северна Македонија, Бугарија, Грузија, Грција и Португалија насликаа по две платна, а овие дела беа претставени пред медиумите на 7 јуни, кога се одржа и официјалното затворање на Колонијата.
Македонското учество во Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол беше потпомогнато од македонската амбасада и македонскиот КИЦ во Софија, како и од македонското Министерство за култура.