На 18 октомври 2022 во Уметничката галерија во градот Русе, Бугарија, се отвори меѓународната ликовна изложба „Без дистанца“, во која се претставени дела од македонски и бугарски ликовни уметници. Изложбата се реализира во соработка меѓу институциите: Уметничка Галерија – Русе, Центар за култура „Трајко Прокопиев” – Куманово, КИЦ на РСМ во Софија. Проектот е потпомогнат од бугарскиот Национален фонд за култура.
Македонските учесници во изложбата се претставија со по две свои дела, тоа се авторите: Жаклина Глигориевска – Кочоска, Зоран Арсовски – Бабата, Иво Пецов, Марија Величковска, Марија Трпеска, Марјан Sингаров, Петра Јовановска, Симона Јакимовска, Трајче Блажевски, Фехим Хусковиќ. Бугарските автори, исто така, се претставија со по две свои дела, тоа се авторите: Валентин Георгиев, Виргинија Пенчева, Вјара Гунева, Георги Пасев, Гошо Георгиев, Златка Стојкова, Ива Станева, Ирена Парашкевова, Красимира Кирилова и Тања Пасева.
Вечерта на отворањето на изложбата се случи и поетски перформанс, во кој поети од градот Русе читаа поезија, инспирирана од избрани ликовни дела од изложбата. Свое учество зедоа поетите: Јавор Цанев, Лилија Рачева, Нели Пигулева, Мира Душкова, Ана Димитрова.
Настанот, во присуство на ликовните уметници, поети и многубројна публика, го отворија директорката на галеријата во Русе г-ѓа Елена Великова и директорот на Центарот за култура во Куманово г-н Сашо Тодоровски.
На 19 октомври, повторно од 18:00 часот, во галериското пространство на изложбата се случи импровизиран театарски перформанс „ВидиНа без дистанца!“, кој создаде „жива инсталација“ на творбите, со учество на актерите: Деница Дончева, Мартин Пашов, Димитар Пишев, Љубен Русенски, Светлина Станчева, Радинела Тотева, Ивета Маринова, со режисер Ивајло Ненов.