Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија, во соработка со НУ Библиотеката "Гоце Делчев" од Штип, на 9 декември во 18:00 часот, во просториите на КИЦ се одржа литературна вечер-промоција на книги и преставување на писатели од градот Штип.
На литературната вечер беа изложени 180 книги од над 50 автори кои што потекнуваат од градот Штип. Насловите на изложените книги, кои покрај од сите сфери на уметничката литература: романи, поезија, драми и др., се и од различни научни области: историја, археологија, етнологија, фолклористика, антропологија, медицина, економија, политика, технички науки итн.
На вечерта беше направен осврт на научната литература публикувана од автори родени во Штип. Во овој дел посебен осврт беше направен на географската, историската и етнографско-фолклористичката литература, која пред сè ја третира проблематиката поврзана со овој крај, при што беа претставени и неколкуте монографски книги за Штип и Штипско. Претставувањето на научната литература го изврши проф. д-р Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор, кој што ја претстави и мемоарската литература на некои видни штипјани, како што е Никола Кљусев - првиот претседател на Владата на независна Македонија, како и некои од мемоарските записи на други познати штипјани.
Вториот дел на овој проект се состои од претставувањето на уметничката литература напишана од неколку штипски писатели и поети, меѓу кои секако видно место заземаат делата на поетот Ацо Шопов. За опусот на овој познат штипски поет, како и за делата на уште неколку истакнати штипски литерати, осврт направи господинот Трајче Кацаров, познат македонски писател, драматург и публицист од Штип.