Во организација на Културно-информативниот центар на Р. Македонија и НУ Центарот за култура "Григор Прличев" од Охрид, на 24 фебруари во 18:00 часот во просториите на КИЦ се одржа вечер посветена на современиот македонски писател Тоде Илиевски. За творештвото на Тоде Илиевски говореше Драгана Боцевска директор на Центарот за култура од Охрид а за неговото творештвото за деца литературниот критичар Наташа Аврамовска.
Тоде Илиевски е роден 1952 год. во с. Мраморец, Охридско. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Во моментот е директор на библиотеката "Григор Прличев" во Охрид. Член е на ДПМ од 1994 год. Автор е на книгите: "Ведро едро" (поезија за деца, 1990), "Концерт за шумите" (поезија 1992 год.), "Изворите во горите" (поезија за деца 1999 год.), "Лов на лебедово езеро" (поезија 2008 год.) и други.
Добитник е на Повелба на Св.Климент (за творештво 2002 год.), награда на Празникот на липите (за песна 2003 год. и 2006 год.), награда на фестивалот Славјанска прегратка во Варна (за песна, 2008 год.), награда на издавачката куќа Феникс од Скопје (за краток расказ, 2008 год.) и наградата "Ванчо Николески" за најдобра книга за деца во 2009 год. што ја доделува Друштвото на писателите на Р Македонија.