Од 21-26 мај во Варна, Р.Бугарија се одржува VI Фестивал на поезијата и уметноста "Словенска прегратка".
На Фестивалот главна поетска звезда беше македонската поетеса Гордана Михаилова-Бошнакоска. Во програмата "13 звезди", меѓу 13 најголеми поетеси од словенскиот литературен корпус (А.Ахматова, М.Цветаева, Д.Максимовиќ, В.Парун) со свои стихови објавени на македонски јазик, беше претставена и нашата поетеса Гордана Михаилова-Бошнакоска.
Истакнатата македонска поетеса е носител и на најголемото годинешно признание за литература на фестивалот "Словенска прегратка" - Златно летечко перо, кое се доделува за исклучителен допринос во литературата, во конкуренција на поети од 17 земји.
Од името на Културно-информативниот Центар на Р.Македонија во Р.Бугарија поздравно писмо до Фестивалот и годинешниов лауреат, испрати директорот Васко Шутаров.